Историја за Тиквеш, ја надигра Воска и се запиша меѓу победниците во Купот

Фудбалерите на Тиквеш испишаа историја и станаа петнаесеттиот тим од осамостојувањето на Македонија кој триумфирал во Купот.

Кавадарчани на Националната арена „Тодор Проески“ носени од неколкуте илјади фанови, беа многу подобар тим во текот на сите 90 минути и сосема заслужено славеа со 2:1 против Воска спорт.

Вечерашното финале беше дебитантство и за двата тима, а на крајот името на Тиквеш се впиша меѓу тие на Вардар, Силекс, Слога југомагнат, Пелистер, Победа, Цементарница, Башкими, Македонија ЃП, Работнички, Тетекс, Металург, Ренова, Шкендија и Академија Пандев, како освојувачи на Купот на Македонија.

Со триумфот од 2:1 на Тиквеш, е прекината и лошата традиција од трите последни финалиња во Купот на кои по 120 минути немаше голови и победниците беа одлучувани во пенал-рулетите.

Фудбалерите на Тиквеш во првото полувреме создадоа неколку одлични шанси, двапати ја погодија стативата, а подобрата игра ја крунисаа со прекрасен гол од слободен удар на Кристијан Стојкоски во 41-та минута.

И во второто полувреме, Тиквеш беше подобар тим, а дилемите околу победникот ги реши во 60-тата минута кога Луан Силва зголеми на 2:0.

Воска внесе неизвесност во 77-та минута кога Шаркоски намали на 2:1, а во судиското продолжение стативата го спаси Тиквеш од продолженија.

 

- Оглас -

Најнови вести