Словенија и Хрватска останаа без СП, Србија на потег

Иако е светски и олимписки вицепрвак, машката кошаркарска репрезентација на Србија денеска од 16 часот игра против Израел во меч на кој треба да победи, за да не остане без пласман на Светското првенство кое летово се игра во Кина.

На нашите северни соседи, нема ништо да им вреди старата слава, доколку не се најдат на СП, а тоа ќе значи и сигурно прескокнување на олимпискиот турнир. Европскиот првак Словенија, и една Хрватска која има пет НБА играчи, нема да бидат дел од Мундобаскетот во Кина. Тоа е доволно предупредување за Србите да го обелат образот.

Со некои математики, Србија може да оди на СП и со пораз од Израел, но ако Грузија ја совлада Естонија. Ако победат Естонците во Тбилиси, тогаш Србија мора да го победи Израел, бидејќи со пораз би испаднала.

Од земјите од поранешна Југославија, каде според многумина се игра најквалитетната кошарка во Европа, на СП може да се најдат само Србија и Црна Гора. Црногорците утре ја пречекуваат Летонија, и за да играат на завршницата, им треба победа, или пораз до 8 поени разлика.

- Оглас -

Најнови вести