Вардар го победи Охрид во меч со 29:22 во меч од 13 коло на ракометната Супер лига и на тој начин стана јасно дека шампионот ќе се решава во последното коло. Во пресрет на последното коло, Еурофарм Пелистер е прв на табелата со 38 бодови, а Вардар е втор со 36 бодови. Во последното коло Пелистер на свој терен во салата „Боро Чурлевски“ ќе игра против Алкалоид, а Вардар ќе гостува кај Бутел.
Црвено-црните во последниот меч на домашен терен сезонава против Охрид одигра на ниво и не дозволи никакво изненадување. Вардар поведе со 3:0, а потоа стигна и до пет гола позитива (10:5), а на полувреме замина со предност од четири погодоци.
Во вториот дел Охрид успеа да стигне до минус од еден гол (16:15), но потоа вардар со два гола повторно дојде до три позитива и до крајот на дуелот во ниту еден момент не дозволи да има драматична завршница. Домашините поведоа со 25:20 во 55 минута и сите дилеми беа решени.
Петриќ со 8 гола беше најефикасен кај победничкиот тим, а одличен беше и Јагуриновски со пет гола. Томовски имаше осум одбрани на голот на Вардар.
Последното 14. коло Супер лигата ќе се игра на 2 јуни, а ќе играат: Еурофарм Пелистер – Алкалоид, Бутел – Вардар, Охрид – Тиквеш и Тинекс Пролет – Струга.