Фудбалерите на Барселона со победа, но без освоен трофеј ја завршија сезоната. Каталонскиот тим во последното 38-мо коло во Ла Лига со 2:1 славеа на гостувањето кај Севиља и го освоија второто место на табелата со 85 бода, десет помалку од шампионот Реал Мадрид.
Севиља сезоната ја заврши на 14-тата позиција на табелата и по подолго време нема да игра во европските купови.
Роберт Левандовски во 15-тата минута го постигна 19-тиот гол сезонава во Ла Лига по асистенцијата на Жоао Кансело.
Севиља успеа да израмни во 31-та минута со голот на Јунес Ен Несири.
Победата на Барселона ја обезбеди Фермин Лопес во 59-тата минута.
Овој меч воедно беше и последен за Чави Ернандес како тренер на Барселона.
Иако пред неколку недели Чави објави дека ја прифатил понудата на претседателот Жоан Лапорта да го одработи договорот до крај и да ја води екипата и следната сезона, неговите коментари во јавноста го налутија првиот човек на Барселона.
Имено, изјавите на Чави дека финансиската состојба на Барселона не е добра и дека не е сигурен колку клубот ќе биде активен на трансфер пазарот, го натераа Лапорта да му врачи отказ и да го замени со Германецот Ханси Флик.