Реал Мадрид е само на еден чекор од освојување на јубилејната 15-та титула европски првак. Кралскиот клуб утре на „Вембли“ во Лондон ќе игра во финалето на Лигата на шампионите, а противник им е Борусија Дортмунд.
Според сите проценки, Реал е фаворит за триумф, но тренерот Карло Анчелоти знае дека никако не смее да се потцени противникот. Класичен пример дека не секогаш фаворитот победува беше и финалето во Лигата на Европа. Баер Леверкузен имаше низа од 51 натпревар без пораз во сите натпреварувања, но во финалето против Аталанта, Фармацевтите беа немоќни и загубија со убедливи 3:0.
„Можеби ја имаме улогата на фаворит во финалето против Борусија, но успехот на Аталанта во финалето на Лигата на Европа против Баер Леверкузен е доволен аларм како предупредување за нас“, претпазлив е Анчелоти.
За тоа каква доминација има Реал во Лигата на шампионите, потврдува и фактот дека во последните 10 години ова ќе биде шесто финале за Кралеите и ќе атакува на шестата титула во последната декада. Борусија Дортмунд има само една европска титула, и тоа освоена во далечната 1997 година, кога го победија Јувентус со 3:1.