Одбојкарската репрезентација на Македонија одигра одличен меч во Осиек против домашната селекција на Хрватска, но за жал на крајот загуби со 2:3 во сетови, во меч од петото коло на Златната лига. Ова е втор меч по ред на кој Македонија може да жали што не победи.
Откако пред неколку дена не искористи две меч топки против Белгија и потоа загуби со 3:2 во сетови, овојпат нашите одбојкари водеа со 2:1 во сетови, но за жал не успеаа да победат.
По ова коло Македонија останува на 10 место во Златната лига со една победа и четири пораз и има пет бодови. Хрватска останува перфектна со пет победи во пет дуели.
Во првиот сет се играше многу израмнето. Откако нашите одбојкари спасија неколку сет топки, имаа шанси да го освојат првиот сет, но не искористија една сет топка, а потоа го загубија со 33:31.
Во вториот сет Хрватска започна добро и поведе со 14:10, но потоа следуваше шоу на македонските одбојкари. Со 10 поени во низа, Македонија поведе со 20:14 и лесно го доби сетот со 25:17.
Третиот сет беше драматичен како првиот, но овојпат Македонија го доби. Најпрво нашите ракометари спасија една сет топка, а потоа го добија сетот со 29:27. Хрватска возврати во следниот сет. Нашите ракометари водеа со 12:11, но со четири поени во низа Коцкестите стигнаа до 15:12, а потоа рутински ја задржаа предноста и стигнаа до 25:21.
Во решавачкиот петти сет се играше поен за поен до 6:6, но потоа Хрватите со низа од три бодови стигнаа до 9:6. Нашите одбојкари се обидоа да се вратат и стигнаа со 11:12, но Коцкестите ја задржаа концентрацијата и го добија решавачкиот сет со 15:12, останувајќи единствена селекција со перфектен учинок во групата.