Карло Анчелоти со победата над Борусија Дортмунд дојде до петтиот трофеј од Лигата на шампионите, трет како тренер на Реал Мадрид. Италијанецот има два трофеи и со екипата на Милан.
Тренерот на „кралевите“ останува на врвот, но сега далеку позади себе ги остави Зинедин Зидан и Пеп Гвардиола, кои имаат по три трофеи и сигурно дека ќе им треба време за да го стигнат Анчелоти. Три пехари од Лигата на шампионите има и Боб Пејсли, легендарниот менаџер на Ливерпул.
Анчелоти е рекордер и според бројот на финални натпревари, вкупно шест, а загуби само едно и тоа со екипата на Милан во она легендарно финале во Истанбул, кога на полувремето имаше водство од 3-0 против Ливерпул, но на крајот не успеа да дојде до трофејот.
Во историјата само шест тренери освојувале пехари со две различни екипи. Освен Анчелоти кој победуваше со Милан и Реал, тука се и Ернст Хапел (Феенорд и Хамбургер), Отмар Хицфилд (Борусија Дортмунд и Баерн Минхен), Жозе Мурињо (Порто и Интер), Јуп Хејнкенс (Реал Мадрид и Баерн Минхен) и Пеп Гвардиола (Барселона и Манчестер сити).
Воедно, Карло Анчелоти останува единствениот тренер во историјата кој ги освоил сите првенства од топ-5 лигите во Европа. Италијанската Серија А ја освои со Милан, англиската премиер лига со Челзи, француската Лига 1 со ПСЖ, шпанската Ла Лига двапати со Реал Мадрид и германската Бундеслига со Баерн Минхен.