Кошаркарите на Реал Мадрид се пласираа во финалето на АЦБ лигата откако во полуфиналната серија ја елиминираа Барселона со 3-0 во победи. Во третиот меч од серијата избраниците на Чус Матео победија со 92-95 на гости.
Овојпат Барселона му пружи многу поголем отпор на Реал, откако во првите два меча „кралскиот клуб“ рутински го решаваше прашањето на победникот со убедлива разлика.
Барселона пропушти одлична можност да поведе во последните 30 секунди преку Алекс Абринес, кој остана сам на шут за три поени, но не беше прецизен. Додека домашните размислуваа дали да направат прекршок врз Факундо Кампацо при резултат 90-92 за Реал, Аргентинецот брзо ги проби и лесно погоди за финале.
Ова е седма победа на Реал Мадрид во девет натпревари против Барселона оваа сезона.
Факундо Кампацо постигна 21 поен, со шест асистенции, Џанан Муса постигна 14 поени. Кај Барселона, Џабари Паркер уфрли 27 поени, а Вили Ернангомез беше стрелец на 17 поени.
Во второто полуфинале сѐ уште ништо не е готово бидејќи Мурсија има водство од 2-1 во победи против Уникаха.