Репрезентациите на Македонија и Хрватска низ историјата имаат одиграно вкупно осум меѓусебни натпревари, некои од нив вечно ќе се паметат кај љубителите на фудбалот и во двете земји.
Хрватите се поуспешни, имаат пет победи, два натпревари завршиле нерешено, а Македонија победи само еднаш. Гол-разликата е на страната на Хрватска со 12-9, но ниту една од нивните победи не беше изразена со повеќе од еден гол разлика, додека единствената победа со разлика е онаа на Македонија од 2007 година.
На Светското првенство во Франција во 1998 година, Хрватска беше вистинска сензација кога предводена од Давор Шукер стигна до бронзата. Само неколку месеци подоцна, на „Максимир“ во Загреб гостуваше Македонија во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство. Хрватска победи со 3-2, но на мускули и многу потешко од очекувањата. Саша Ќириќ уште во втората минута донесе предност за Македонија, Шукер и Бобан направија пресврт, но Шаиновски во 55-тата минута израмни на 2-2. Победата за Хрватите ја донесе Звонимир Бобан во 70-тата минута.
Македонија единствената победа над Хрватска ја забележа во 2007 година, во шестиот меѓусебен дуел. Во квалификациите за Европското првенство 2008 година, во дуел кој немаше резултатско значење, Македонија победи со 2-0 со головите на Горан Мазнов и Илчо Наумоски. Мечот го одбележа лошиот терен и калот на Градскиот стадион во Скопје, но и изјавата на тогашниот селектор на Хрватска, Славен Билиќ, кој лут за поразот на прес-конференцијата изјави дека нема повеќе да купува македонски лубеници.
Последниот натпревар помеѓу Македонија и Хрватска се одигра во 2012 година во рамките на квалификациите за Светското првенство. На исполнетиот стадион до последното место започнавме одлично. Агим Ибраими уште во 16-тата минута донесе водство за Македонија од 1-0, но Хрватска успеа да направи пресврт и со победа да си замине од стадионот кој тогаш го носеше името на „Филип Втори Македонски“. Головите за победа на Хрватите беа дело на Чорлука и Ракитиќ.
Она што е интересно, ниту еден фудбалер од моменталниот состав на Македонија нема настапено против Хрватска на претходните осум натпревари против трикратниот освојувач на медали од светските првенства, а единствено Александар Трајковски беше на клупата за резерви во поразот од 1-0 во Загреб во 2012 година.
Досегашни натпревари:
14.10.1998, Загреб Хрватска – Македонија 3-2 (Квалификации за ЕП 2000)
05.06.1999, Скопје Македонија – Хрватска 1-1 (Квалификации за ЕП 2000)
09.02.2003, Шибеник Хрватска – Македонија 2-2 (Пријателски натпревар)
28.04.2004, Скопје Македонија – Хрватска 0-1 (Пријателски натпревар)
24.03.2007, Загреб Хрватска – Македонија 2-1 (Квалификации за ЕП 2008)
17.11.2007, Скопје Македонија – Хрватска 2-0 (Квалификации за ЕП 2008)
07.09.2012, Загреб Хрватска – Македонија 1-0 (Квалификации за СП 2014)
12.10.2012, Скопје Македонија – Хрватска 1-2 (Квалификации за СП 2014)
Денешниот пријателски натпревар се игра со почеток во 19 часот, на стадионот „Рујевица“ во Риека.