На Лукас Пакета му се заканува доживотна суспензија од фудбалот?

Фудбалската асоцијација на Англија ја разгледува опцијата доживотно да му забрани да се занимава со фудбал на бразилскиот репрезентативец и член на Вест хем, Лукас Пакета. Ова е ќе биде доколку Бразилецот биде прогласен за виновен за обвинувањата дека намерно добил жолти картони на четири натпревари, влијаејќи на пазарот за обложување за корист на трети лица.

Според медиумите на Островот, околу 60 луѓе се обложиле дека Пакета ќе добие жолти картони на еден од овие четири „спорни“ натпревари. Нивниот заеднички профит изнесувал 100.000 фунти, а ФА на Англија сè уште е во процес на собирање податоци за облозите во Бразил.

Лукас Пакета тврди дека е невин, но, според информациите, неговата ситуација е многу сериозна.

Во 2021 година, одбранбениот играч на Стратфорд таун, Кинан Исак, беше казнет на 10 години поради обложување на жолт картон во натпревар од ФА купот. Три години претходно, Бредли Вуд од Линколн сити беше казнет со шест години суспензија за два натпревари на кои намерно добил жолти картони, а бил вплеткан во обложувачка измама.

Обвинителите на ФА тврдат дека прекршоците на Лукас Пакета се уште посериозни и затоа ќе бараат доживотна суспензија од фудбалот за 26-годишниот Бразилец.

- Оглас -

Најнови вести