Италијанската тенисерка Јасмин Паолини успеа да се пласира во финалето на Ролан Гарос кај дамите, каде што ја очекува пресметка со актуелната победничка и најдобрата според ранкингот, Ига Швјонтек. Паолини лесно и убедливо го доби полуфиналниот дуел против Мира Андреева со 2-0 во сетови (6-3, 6-1).
Паолини е првата Италијанка која по пауза од девет години ќе игра во финале на гранслем-турнир. Претходно тоа им успеа на Флавија Пенета и на Роберта Винчи во историското финале на Отвореното првенство на САД.
На Ролан Гарос, Јасмин Паолини е првата финалистка од Италија по Сара Ерани, која пред 12 години играше против Марија Шарапова.
Паолини доминираше во дуелот со Мира Андреева. Првиот сет го доби со 6-3, а во вториот на противничката ѝ дозволи само еден гем.