Реал Мадрид како победник на Лигата на шампионите треба да учествува на Светското клупско првенство, кое од следната година ќе се игра во нов формат со 32 екипи учеснички. Првото вакво клупско првенство ќе се игра следното лето во САД и ќе биде генерална проба за Светското првенство за репрезентации, но тренерот на Кралскиот клуб, Карло Анчелоти, најавува дека тие нема да учествуваат и ќе се откажат од настап.
„ФИФА најавува ново клупско светско првенство, но забораваат дека многу клубови кои обезбедија пласман, тоа не го сакаат и нема да играат. Еден натпревар на Реал вреди 20 милиони евра, а ФИФА сака за целото првенство да ни даде толку. Ние ќе ја одбиеме поканата, нема да играме“, најави Анчелоти.
Помеѓу 32-те репрезентации, Европа треба да има 12 претставника кои веќе се познати. Пласман имаат обезбедено Челзи, Реал Мадрид, Манчестер сити, Баерн Минхен, ПСЖ, Интер, Порто, Бенфика, Борусија Дортмунд, Јувентус, Атлетико Мадрид и Салцбург.