Кризата на Монако се продлабочува, откако тимот од Кнежеството претрпе нов пораз во француското првенство. На гостувањето кај Сент Етјен, Монако прими два гола, а ниту еднаш не успеа да се израдува. Ова е седми натпревар во низа на кој победата останува само мисловна именка за Монако. Тимот кој е навикнат да е при врвот на табелата, па дури и да се бори за титулата, сега остана во зоната за испаѓање со само шест бода од осум средби.
Сент Етјен даде по еден гол во двете полувремиња и тоа на два пати стрелец беше Ваби Казри. Мароканскиот голгетер најпрво погоди во 41 минута за водство од 1:0, а веќе во 54 минута беше 2:0 за домаќините. Монако делуваше немоќно, па јасно беше дека поразен ќе си замине од ова гостување.