Третиот меморијален турнир „Марко Божиновски 9“ посветен на ракометниот талент Марко, чиј живот прерано згасна ненадејно починувајќи во сон, годинава ќе биде со меѓународен карактер, учество ќе земат Морнар (Црна Гора), Одорхеи (Романија) и Коњух (БиХ), како и македонските екипи: Алкалоид, Пелистер, Вардар, Бутел Скопје и Аеродром.
Турнирот ќе се одржи од 14 до 16 јуни во спортскиот центар „Марко Божиновски“ во Скопје, а мајката на Марко, Александра, и сопругот Ристе, во изминатите години постојано се борат за подобро утре на младите спортисти во Македонија.
Фондацијата која е отворена во чест на Марко веќе допре до срцата на многу млади спортисти кои постојано ги споделуваат своите искуства.
Преку турнирот Александра и Ристе сакаат да оддадат голема почит и кон Никола Даниловски – Џамбо, Андреј Петрески – Штурче, Доне и кон нивните семејства со кои ги спојува истата болка.
Александра даде интервју за сајтот на фондацијата во кое зборуваше за Марко, за неговиот ведар лик.
*Уште една тешка година за вашето семејство. По загубата на вашиот син ја отворивте фондацијата „Марко Божиновски“ за да го сочувате неговиот лик и дело, но истовремено да им помогнете на многу млади луѓе во спортот, како и на лицата со посебни потреби. Колку од нив во изминатиот период побарале помош?
„Фондацијата е отворена во чест на Марко, во чест на една младост, во чест на една добра и искрена душа на која спортот ѝ беше живот. Како секој млад човек со неполна 21 година, си го живееше животот со полно срце и душа, имаше подеми и падови, ама барем беше добар човек, понекогаш бунтовник со причина, вреден и исполнителен кога тој сакаше, на моменти знаеше да си спои и обврска и задоволство, па некој тоа да го нарече несериозно, но се во склоп на младоста и годините.
Многу сме среќни што Фондацијата допре до срцата на многу млади спортисти, имаме средби и јавувања каде што тие ни го пренесуваат своето лично искуство, со што сè се соочуваат (обично се темите негативни, за жал), не само од клубовите и тренерите, туку и од соиграчите. Ретко има пофалби, а ги има, не би сакале да изгледа се толку црно. Не сакаме воопшто да генерализираме, се работи за индивидуални случаи, има клубови и тренери кои се за пример на сите, но се малку… Најмногу се жалат на односот, на лажни авторитети, на форсирање на странски играчи пред нашите, мала минутажа“.
*Мисијата е да се обезбеди поквалитетен живот и поздрава иднина. Како според вас треба младите да бидат третирани во светот на спортот? Што треба да се промени, што вие лично би вовеле дополнително?
„Наша искрена желба е да проработи свеста и совеста на сите, како на младите спортисти, така и на тренерите, на клубовите. Младите спортисти се доведени во ситуација да не знаат каде тераат. Наместо преку спортот да градат силен карактер, како растат и како се развиваат, само да напредуваат, тие се доведени во ситуација да виткаат кичма и да се менуваат согласност политиките на клубовите, спонзорите, тренерите. Да мораат да трпат лажни авторитети, на секој натпревар да влегуваат со страв од можна грешка и на првата грешка да бидат под казна седнати на клупа бидејќи промашиле гол, да бидат навредувани и понижувани. Да не должам, тука би имала цел ферман да напишам, наша желба е младите здраво да се развиваат, да научат дека треба да почитуваат, но и да бидат почитувани. Нивна задача е да даваат сè од себе, но не повеќе од она што можат и за што се физички подготвени. Тренерите индивидуално да пристапуваат кон секој играч, пред сè со респект и според менталниот склоп на тие млади луѓе. Да се инсистира на редовни прегледи, здрава исхрана, образование. Младите да работат на себе, пред сè на својот карактер, да бидат тимски играчи, да научат што е почит, почит пред сè кон своите соиграчи, кон играта, кон тренерот. Кога велам да работат на својот каракте,р не сметам дека треба да се безобразни и невоспитани, туку да научат што се вистински вредности. Ме прашавте што би вовела дополнително. Во секој клуб психолог, стручно лице за здрава исхрана и мерачи за работа на срцето за време на тренинзи и за време на натпревари“.
*Во полн ек се подготовките за третиот меморијален турнир „Марко Божиновски“. Ракометните терени беа омиленото место на Марче. Која е пораката на овој турнир?
„Турнирот е наша порака до сите, а таа е да живее младоста. Нашата цел е да се собираат младите од различни држави на еден терен, каде што освен ракомет, ќе се промовира другарството, прифаќање на различноста, љубовта кон спортот, другарите, семејството. Клубовите и младите играчи да си подадат рака, насмевката да им биде орудие за решавање на секој проблем, да нема поделба помеѓу младите на верска или национална основа, ракометот да биде јазикот со којшто ќе се разбираат. Меморијален турнир е турнир во кој ние како родители оставаме парче душа на тој ракометен терен и во таа организација, го оставаме споменот на Марче, неговиот весел карактер и насмевка која вели почитувајте се, дружете се, бидете здрави и весели, довршете ја мојата игра на најдобар можен начин и бидете горди на себе и на вашите достигнувања.
Преку турнирот сакаме да оддадеме голема почит и кон Никола Даниловски – Џамбо, Андреј Петрески Штурче, Доне и кон нивните семејства со кои не спојува иста болка“.
*Кој е вклучен во организацијата, од кого добивате најмногу поддршка овие години?
„Организацијата на турнирот беше поставена од страна на Андон Бошковски, нашиот Доне, кој беше наш голем другар, човек кој прв го однесе Марко да тренира ракомет уште на деветгодишна возраст, кому му беше особена чест што токму нему му ја доверивме оваа улога и беспрекорно ја заврши работата на тој прв турнир. По неговото заминување, ни остана уште поголема обврска да продолжиме да го правиме она што тоа го зацрта како стандард и барем приближно толку добро да ја направиме организацијата. Освен ние родителите, огромна поддршка имаме од другарите, како на Марко така и нашите, секој си има своја задача, од средување на теренот, организација на храна и сместување за тимовите кои не се од Скопје, забава за гостите, осветлување, камера… Сите сме на нозе за да биде настанот како што доликува“.
*Марко го сакаше ракометот, живееше за него, вие ги следевте неговите настапи. Каков карактер имаше Марко? Што најмногу го нервираше, а на што најмногу се радуваше?
„Марко беше една прекрасна душа, весел, малку нескромен во своите желби, позитивен, но и бунтовен кога тоа беше потребно. Се радуваше на животот, на испиеното кафенце со своите другари, во еден ден помеѓу тренинзите знаеше да пие кафе во ‘Бисер% со другарите, потоа да се најде на другата страна од градот за со некој друг да испие кафе, буквално во денот имаше време за сите, по малку за секого. Го нервираа лажни и наметнати авторитети, тоа од такт можеше да го извади. Инаку навистина имаше душа планина, насмевка која топи срца, великодушен, добар син и другар. Натпреварите ги следевме секогаш, без исклучок. Дури и во 2019 година, кога со кадетската репрезентација го играа натпреварот со Аргентина, а ние се враќавме од одмор, седнавме во една друмска кафеана некаде во Црна Гора и таму од кола втрчавме со лаптопот за да го одгледаме натпреварот и потоа да го продолжиме патувањето“.
*Освен ракометот, дали Марко имаше друго хоби, што сакаше да прави во слободно време?
„Сакаше да игра ‘Сони’ на компјутер со соиграчите и другарите, да оди на кафиња, да се дружи со своите другари, да играат баскет во маало, на билијард, да се вози наоколу со колата… Како мал обожаваше да игра баскет, само што почна да оди, почна и да шутира. Мислевме ќе биде кошаркар, ама ете заврши во ракометот. НБА гледаше уште како мало дете, буквално од една година.. Кога сите деца спиеа, Марко наместо цртани, гледаше НБА“.
*Дали сега во изминатите три години сè уште следите ракомет, дали ги пратите настапите на репрезентацијата?
„Да, следиме и се трудиме да ја одржиме таа љубов кон ракометот која ја имаме уште од времето кога вујко му играше и навистина е дел од нашите животи долги години. Со Марко таа традиција продолжи. Ракометот го гледаме најмногу кога настапува нашата репрезентација, а знаеме да погледнеме натпревари, на пример, кога игра Вардар навиваме за Карапалевски или кога игра Тиквеш за Темелкоски, кога игра Бутел за Јевтиќ, Пелистер за Кизиќ, Охрид за Стоилевски.. Ама подобро да не набројуваме, ќе утнеме некого, па може некој да се навреди. Буквално на натпревари кога играат неговите другари, како кој даде гол ние се радуваме, па човек и не може да процени за кого навиваме кога сме во сала“.
*Спортскиот центар „Марко Божиновски“ доби дополнителен лик, што се случува преку годината тука?
„Огромна чест ни беше укажана од страна на нашата Општина кога Спортскиот центар се именуваше по Марко. Од тој момент, ние како негови родители си поставивме цел, Спортскиот центар да го направиме вистинско место за уживање и игра. Тука се одржуваат турнири, како во ракомет така и во фудбал, баскет. Изгледот на Спортскиот центар сега е многу поинаков, успеавме да ги средиме трибините, буквално за сите три набавивме столчиња, се среди теренот, на кошевите и головите редовно се ставаат нови мрежи. Внатре се направија многу санации, од тоалети до соблекувални. Дониравме опрема за фитнес за младите спортисти, па сега имаат сè што им е потребно, шкафчиња се направија за чување на опремата, се набавија пинг-понг маси, сега Центарот има и од што да се финансира и многу други ситни и покрупни работи. Исто така се организираат од страна на Фондацијата тренер и бесплатни тренинзи за деца со посебни потреби, што ни претставува особено задоволство.
Сите овие проекти ги реализираме ние како родители преку Фондацијата „Марко Божиновски“. Моментално работиме на проектот HeartGuard, емотивен проект посветен на превенција од трагичните и ненадејни загуби на животите на младите спортисти поради проблеми со срцето. Проектот има цел да собере средства за да се обезбедат срцеви монитори за младите спортисти во Македонија, кои би помогнале при рано идентификување на потенцијални срцеви проблеми, како и нивна навремена превенција. Апелираме до сите да нè поддржат во оваа иницијатива со донации во Фондацијата или со СМС порака на броевите Телеком 143403 и А1 143 800. Искрено веруваме дека доколку Марко носеше срцев монитор под дресот на последниот натпревар, денес ќе беше помеѓу нас. Апелираме и до компаниите да покажат малку повеќе хуманост, да не се донира само онаму каде што ќе се има обострана корист, реклама, туку онаму каде што навистина се има потреба и со нивна помош ќе инвестираме во она највредното, а тоа е нашата младина“.