Група Ц: Првиот фаворит за титулата и три репрезентации предизвикувачи

Најголемиот фаворит за освојување на златото на ова Европско првенство, Англија, е дел од групата Ц. Во оваа конкуренција се уште три репрезентации, кои реално се далеку од квалитетот на Англичаните, но ќе се обидат да им ги поматат сметките. За Словенија, Данска и Србија успех на ова првенство ќе биде доколку успеат да ја минат групната фаза.

Успех е што се во елитното друштво

За малата земја во која има само два милиони жители, успех е самото учество на завршницата на ЕП.  Може да се каже дека имаа и среќа во квалификациите, каде што за ривали ги имаа и ги оставија зад себе селекциите на Финска, Казахстан, Северна Ирска и Сан Марино.

Словенија била на ЕП само во 2000 година, кога имаше две ремија и еден пораз. Дека тешко губи, се потврдува и по резултатите во последните две години, каде што во 14 дуели имаат само два порази, заклучно со мечевите до крајот на мај 2024.

Словенија ја има задржано класичната формација со 4-4-2, а главните адути им се на двата краја од теренот. Јан Облак е главен во одбраната и еден од најдобрите голмани во светот, додека во нападот прва опција е Шешко, кој е дел од тимот на Лајпциг. Сепак, „две ластовици“ тешко дека ќе бидат доволни да може Словенија ја да помине групната фаза.

Кога никој од нив ништо не очекува, знаат да блеснат во сиот сјај

Земја која ја има испишано една од најубавите фудбалски бајки на ЕП. Во 1992 година воопшто не изборија место на завршницата, но по исфрлувањето на селекцијата на Југославија, Данска не само што заигра на ЕП, туку и го освои. Тоа е нивен прв и највреден трофеј од големи натпреварувања.

Само со еден пораз во последните 10 меча одиграни заклучно до 31 мај, Данска само потврдува дека има квалитет. Најчесто играат во формација 4-2-3-1. На голот е Шмајхел, а во одбраната се докажани дефанзивци како Кристенсен (Барселона), Кјаер (Милан), Кристенсен (Рома)… Во средниот ред главни се Кристијан Ериксен и Пјер-Емил Хојбјерг, кои доаѓаат од Премиер лигата. Во нападот главни треба да бидат докажаниот Поулсен и младиот голгетер на Манчестер јунајтед, Расмус Хојлунд.

На последното ЕП Данска стигна до полуфиналето и на крајот заврши на третото место, што секако би било подвиг сега да се повтори тој успех.

Со пеколен напад Гордиот Албион конечно очекува гордо да го крене трофејот

Повеќе од 60 години се игра Европското првенство, а Англија никогаш не била шампион. Со игрите на теренот, со фудбалерите со коишто располагаат и со проценките на обложувалниците, Гордиот Албион е прв фаворит за титулата.

Болни се спомените од последното ЕП, кога Англија на својот „Вембли“ во финалето на пенали загуби од Италија, но сега селекцијата делува уште позрело и подготвена е за освојување на златото. Големи ѕвезди има на секој дел од теренот кои добро се воиграни.

Нападот со којшто располага селекторот Саутгејт е неверојатен. Хари Кејн, Букајо Сака, Фил Фоден, Кол Палмер се играчите кои имаа блескава сезона и сега треба тоа да го преточат во пеколен напад на Англија. Во средината доминираат супер ѕвездите Џуд Белингам и Деклејн Рајс, а формацијата која ја практикуваат е 4-2-3-1. Кејн е најопасен во нападот, но од страничните позиции доаѓа голема опасност и противникот едноставно не знае од која страна да се брани.

Имаат квалитетен тим, но често проработува балканскиот синдром

Дури 24 години во Белград и останатите српски градови чекаа да се радуваат на пласман на нивната репрезентација на ЕП. Пред една и пол година Србија играше и на СП во Катар, но не ја помина групната фаза откако заврши само со еден освоен бод.

Со квалитетен и искусен тим располага селекторот Драган Стојковиќ, па неколку играчи имаат и над 50 настапи за националниот тим и сигурно најголем товар ќе им падне на Гудељ и Миленковиќ во дефанзивниот ред, Тадиќ, Миленковиќ-Савиќ и Костиќ во средниот ред, а во нападот главен треба да биде најдобриот стрелец во историјата на националниот тим Александар Митровиќ.

Најчесто играат во формација 3-4-2-1 и доколку нема некои нефудбалски проблеми, како што не ретко знаат да ѝ се случат на некоја од балканските селекции, Србија може дури и да изненади некој од фаворитите.

- Оглас -

Најнови вести