Многу негативни реакции предизвика неспортското и непримерно однесување на албанскиот репрезентативец Мирлит Даку по завршување на вчерашниот дуел со Хрватска. Даку со мегафон во раце навредливо скандираше против Македонците.
Кој знае што имал во паметот Даку кога на едно Европско првенство реши да навредува нација и земја која воопшто не е дел од континенталниот турнир и сигурно заслужува најжестока казна.
По речиси 20 часа од инцидентот и пишување дека од Фудбалската федерација до утрово немаше никаква реакција, конечно „се рзбудија“ во ФФМ и испратија реакција која ви ја пренесуваме во целост.
„Ја изразуваме нашата длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлит Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршување на вчерашниот натпревар Хрватска – Албанија од Европското првенство.
Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот.
Спортот, особено фудбалот е основа за здржување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит. Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата.
Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА.
Го повикуваме фудбалерот на Албанија, Мирлит Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика.
Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти.
Нашата посветеност за промовирање единство, почит и фер игра во спортот останува на прво место“.