Прес-службата на руски Рубин Казан, се огласи со коментар во врска со однесувањето на албанскиот фудбалер Мирлинд Даку кој е нивен член. Даку вчера по натпреварот Албанија – Хрватска, на мегафон ги навредуваше Македонците и Србите.
За ова, на албанскиот репрезентативец му се заканува суспензија од УЕФА.
„Нашиот клуб не поддржува никакви навредливи акции или гестови. Играчот беше на располагање на репрезентацијата, но, секако, жалиме што дојде до ваква ситуација. Што се однесува до санкциите против играчот, тоа е работа на УЕФА“, изјавија од Рубин.
Фудбалската федерација на Македонија испрати официјален допис до УЕФА со барање Даку да биде казнет. Жестоки реакции има и во Србија, и тоа не само за Даку туку и за навредите од албанските и хрватските навивачи.