Холандија и Франција одиграа без голови во дербито од второто коло на групната фаза на Европското првенство. Двете селекции може да бидат задоволни од освоениот бод затоа што имаат по четири бодови и се сигурни на првите две позиции. Во последното коло, Холандија ќе игра против Австрија, а Франција ќе се сретне со испаднатата Полска.
Ова е прв меч на ова ЕП кој заврши без погодоци. Последен пат дуел на континенталниот собир со 0:0 бил тој меѓу Англија и Шкотска во рамките од второто коло на ЕП 2020, одигран на „Вембли“. Од тој меч до вечерва беа одиграни точно 50 средби на ЕП и на сите имаше барем по еден гол, за сега Холандија и Франција да одиграат со најнепопуларниот резултат.