Репрезентацијата на Франција важи за еден од главните фаворити за титулата на Европското првенство, но во првите две кола тимот на селектор Дидие Дешан, не покажа колку е силна, дадоа само еден гол и тоа автогол на противниците.
Со ваква неефикасност, тешко дека може да дојдат до тронот. Синоќа против Холандија, на терен го немаше Килијан Мбапе, и за Франција продолжи серијата без победа кога Мбапе не е во игра.
Бројките и фактите го кажуваат следното: Франција одиграла три натпревари на големите натпреварувања без Мбапе откако тој е репрезентативец, и не успеа да постигне гол на ниту еден од тие мечеви. Франција нема ниту една победа на последните 6 натпревари во кои Мбапе не е стартер, а севкупно последната победа на Галските петли без Мбапе беше на 25 март 2022 против Брегот на слоновата коска. Од тогаш, имаат еден пораз и две ремија без ѕвездата.
Мбапе кој има скршеница на носот, можеби ќе игра во третото коло против отпишаната Полска, и пред него е предизвик, конечно да го постигне својот прв гол на едно Европско првенство. Ако не игра Мбапе, предизвикот за неговите соиграчи ќе биде да покажат дека знаат да победат и без него.