Хрватските фудбалски репрезентативци од вчера можат да се пофалат и со сопствена банкнота. Хрватската фудбалска федерација (ХНС) е првата во светот што издаде банкнота во чест на својата репрезентација. Станува збор за убав сувенир и спомен за навивачите. Тие ќе можат да ја набават преку веб-продавницата на ХНС, а нешто подоцна и во книжарници, киосци и на други продажни места
„До оваа идеја дојдовме во соработка со партнери од Холандија, тие нешто слично прават веќе неколку години. Веќе имавме една банкнота што ја направивме во соработка со Динамо Загреб, по повод првата годишнина од смртта на Златко Крањчар. Динамо ги продаваше, но тоа некако не се најде на вистинскиот пат“, раскажува Бојан Гуштин, главниот иницијатор на оваа приказна, за хрватските медиуми.
Вакви банкноти во разни изданија веќе се продаваа во Англија, Холандија и Франција. На нив беа означени разни спортски моменти, од спортисти до разни историски и политички личности, на крајот дури и англиската кралица или кралот Чарлс.
„Идејата ни беше да направиме нова банкнота, нешто поинаква форма, со повеќе бои. ХНС ни даде поддршка, дозвола да ги користиме нивните обележја, па многу брзо го договоривме дизајнот, процедурата и производството. И така популарните „ватрени“ станаа првата репрезентација во светот со сопствена банкнота. Во Холандија, на пример, беше голем хит ваквата банкнота за Денис Бергкамп. Навивачи експресно ја купија. За ниту една фудбалска репрезентација не е направено нешто вакво, така што во оваа приказна имавме целосно иновативен пристап“, дополни Бојан Гуштин.
На банкнотата се истакнати Лука Модриќ, Матео Ковачиќ, Иван Перишиќ и Јошко Гвардиол.