Македонската женска јуниорска репрезентација се пласираше во главната рунда на Светското првенство, откако на последниот меч од групната фаза ја совлада Ангола со 28:24. По убедливиот пораз од Исланд, избраничките на селекторот Дарко Јанев покажаа дека може да се вратат на победнички патеки. За жал, Македонија нема да пренесе ниту еден бод во следната фаза, а таму за противници ќе ги имаме селекциите на Португалија и на Црна Гора.
Против Ангола, македонската репрезентација беше предводена од Сара Стефаноска ( прогласена за играч на мечот) и Емилијана Ризоска, кои постигнаа по шест голови. Ива Младеновска заврши со пет погодоци.
Ангола три пати водеше со по еден разлика на почетокот од дуелот, а потоа Македонија го превзема водството и во три ситуации имаше три гола предност, а на полувреме нашата селекција имаше водство од 13:11.
Одличен беше стартот на второто полувреме за Македонија, кога со низа од 6:0 стигна до предност од 19:12 и до крајот на средбата нашите надежи рутински ја задржаа предноста до самиот крај.
По три одиграни кола, Исланд заврши како прв во групата со 6 бодови, Македонија е втора со 4, Ангола е со само два бода, а без бодови заврши селекцијата на САД.