Австрија ја победи Холандија во Берлин со 3-2 и го освои првото место во групата Д. Франција потфрли против Полска во Дортмунд, ремизираше 1-1 и на крајот остана на второто место, а Холанѓаните се третопласирани, но, сепак, ќе играат во осминафиналето на ЕВРО 2024.
Холанѓаните несреќно си постигнаа автогол уште во шестата минута, откако Дониел Мален ја затресе сопствената мрежа во обид да расчисти пред голот.
Коди Гакпо во 47.минута ја врати Холандија за 1-1, но Романо Шмид во 59.минута уште еднаш ја доведе Австрија во водство.
Мемфис Депај повторно израмни со голот во 75.минута, но и тоа не траеше многу затоа што Марсел Сабицер постигна прекрасен погодок откосо од левата страна во 80.минута.
Во Дортмунд, на „Сигнал Идуна парк“, Франција важеше за голем фаворит против Полска, но одигра само 1-1. Килијан Мбапе го постигна првиот гол на европските првенства, кога реализираше пенал во 56.минута. Но, потоа беше досуден пенал и за Полјаците, а успешен реализатор беше Роберт Левандовски во 79.минута од мечот.