Данска и Словенија се двете репрезентации кои без ниту една победа, но и без пораз, ја завршија групната фаза и на тој начин обезбедија место во нокаут фазата. Интересно е дека Данска и Словенија беа целосно израмнети во Ц групата. Во меѓусебниот дуел одиграа 1:1, имаа по три реми, вкупната-гол разлика им беше по два дадени и два примени гола.
Во една таква ситуација се гледа дисциплинската ситуација, а неверојатно е дека и таму беа израмнети. Двете селекции во трите меча заработија по шест жолти картони. Последниот жолт картон беше тој на Јака Билој од Словенија.
Со израмнет број на жолти картони единственото решение да се најде распоред кој завршува како втор во групата, а кој како трет беше последниот критериум, а тоа е успешноста во квалификациите за ЕП 2024.
Во квалификациите, Данска и Словенија беа во иста група и неверојатно, но и таму беа израмнети. Двете селекции завршија со по 22 бодови (двете селекции имаа по седум победи, едно реми и два порази). Во меѓусебните дуели, Словенија дома одигра 1:1 против Данска, додека Данците пред своите фанови победија со 2:1. Токму таа победа, односно голот на Делејни во 54 минута на мечот одигран во ноември минатата година за победа од 2:1 се покажа како клучен сега Данска да го освои второто место во групата на ЕП.
Данска за прв ривал во нокаут фазата го добија домаќинот на турнирот, селекцијата на Германија. На 29 јуни во 21 часот, овие две репрезентации ќе играат на „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд.