Германија и Данска вечерва од 21 часот го играат второто осминафинале на Европското првенство во фудбал, а за двата тима ова ќе биде повеќе од еден обичен меч од елиминациска фаза на ЕВРО 2024.
Германците уште ги лечат раните од 1992 година, кога првпат како обединета Германија настапија на ЕП, стигнаа до финалето, како актуелни светски прваци во тоа време, беа големи фаворити против Данска која не ни требаше да игра на тоа ЕП, туку влезе на местото на суспендираната Југославија против која имаше санкции, но Данците го добија тоа финале во Гетеборг со 2-0, што е една од најголемите сензации во историјата на европските првенства.
На ЕП во 2012 година, Германија и Данска беа во иста група, Германците победија со 2-1, но далеку од тоа дека сметаат оти му се реванширале на соседот за поразот во 1992.
Вечер Германците во Дортмунд ќе бидат екстра мотивирани да ја победат Данска и да го продолжат патот до титулата, а имаат и една друга предност, имаа 48 часа повеќе за подготовка за овој дуел.