Реал Мадрид ќе се обиде да ја прекине доминацијата на Барселона во нејзиното омилено натпреварување Копа дел Реј, а кој и да слави вечерва (почеток во 21 часот) во Ел Класико, тоа ќе биде двоен триумф. Мадриѓаните имаат активни 1-1 од првиот меч, играат дома, но според квотите на обложувалниците, гостите се благи фаворити.
Ако некој тим знае како е да ја елиминираш Барселона во двомеч во шпанскиот куп, тоа е Реал Мадрид. Последната елиминација на Барса во елиминациска фаза во ова натпреварување беше токму од Реал.
Европскиот првак 34 пати од 38 обиди одел понатаму откако на првиот меч на гости имал нерешено. Но, сега ривал му е Барселона, која во последните години полесно излегуваше на крај со „кралевите“ во Мадрид отколку на „Камп ноу“.
На голот на Реал ќе биде Кејлор Навас, кој сезонава прима голови на секои 100 минути, но имаше и послаби противници од колегата Куртуа, кој прима на 77 минути и брани во лигата и ЛШ. Навас со Реал освои сè, освен купот на Шпанија, и ова му е прилика да го стори тоа. Остануваат уште тешки минимум 180 минути. Серхио Рамос се враќа во составот откако не играше на последниот меч во Лигата, но ако добие картон, би го пропуштил евентуалното финале против Валенсија или Бетис во Севилја на 25-ти мај.
Лионел Меси е главниот адут на гостите. Тој дава голови на две третини од мечевите сезонава, викендов против Севилја одигра маестрално и покажа дека е во форма, а тоа не е добро за Реал. Меси против Реал има дадено 26 гола, но ниту еден во Купот. Ако победи Барселона, резултатот во победи во меѓусебните дуели ќе биде изедначен 95-95.
Барса оди по рекордното шесто финале по ред во Купот. Каталонците се во одлична позиција да ја освојат титулата во првенството, а Купот би им дошол како бонус, со тоа што пласманот во финалето би го славеле на теренот на најлутиот ривал.