Албанскиот фудбалер, Мирлинд Даку, беше еден од оние кои кренаа најголема прашина за време на ЕВРО 2024 и тоа поради скандалозната снимка на која се слуша како тој ги навредува Македонците, пеејќи на мегафон заедно со албанските фанови после мечот со Хрватска.
Даку го зеде мегафонот и ги навредуваше Србите и Македонците. Моментот беше снимен, а Даку беше суспендиран од УЕФА со забрана за настап на два натпревари. Многу реакции имаше и во Русија, бидејќи Даку е играч на клубот Рубин Казан.
Рускиот медиум „Спорт-Експрес“ објави интервју со 26-годишникот од Косово.
„Се соочив со притисок каков што досега не сум имал. Бев во центарот на скандал, поради што се срамам. Не сакав да поттикнам ваква ситуација, а да не зборувам дека предизвика бран реакции во медиумите. Сè излезе од контрола“, започнува Даку.
„По првиот натпревар против Италија, нашиот дефанзивец Хисај доби многу критики од навивачите и медиумите. По мечот со Хрватска сакав да му дадам поддршка и отидов со него на навивачката трибина, за навивачите да го прифатат, да го поддржат и да го споделат моментот на радост со него. Тогаш го зедов мегафонот и ги кажав тие зборови. Навивачите често си дозволуваат да упатуваат навредливи повици до навивачите на други земји и атмосферата ве зафаќа, тоа влијае на сите на стадионот. Тој меч имаше емотивна завршница, го постигнавме израмнувачкиот гол во последната минута и јас дебитирав на ЕП, емоциите беа многу големи. Но, тоа не ме оправдува. Веднаш потоа сфатив што сум направил: кажав несоодветни работи. Бев шокиран што дозволив да ме обземат емоциите и што си дозволив да правам такви работи“, раскажува Даку.
Всушност, на снимката се гледа дека Хисај се обидува да го спречи Даку додека тој ги започнува навредите. Но, напаѓачот го избегнува Хисај и го продолжува повикот за кој веќе се извинува.
„Она што е најважно, не требаше да кажувам такви зборови на ниту еден народ. Тоа е едноставно неприфатливо. Тоа е ужасен чин. Жал ми е, и им се извинувам на сите што беа повредени од оваа постапка“, изјави Даку.
Тој истакна дека има добри, па дури и пријателски односи со српските играчи на Рубин Казан.
„Навистина не викав и не кажав ништо за Србија. Воопшто не требаше да искажам такви зборови за ниту еден од народите. Ова е едноставно неприфатливо, ужасна работа и не ме прави среќен. Жалам, и им се извинувам на сите што беа повредени од овој чин“, вели Даку.
„Тоа што се случи ми е лекција. Понекогаш, од емоции, луѓето можат да си дозволат да кажат непотребни работи, иако никому не посакуваат зло. Токму тоа ми се случи. Немам злоба или омраза кон никого, без разлика на националност“, заклучува Даку.