Репрезентацијата на Шпанија се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство, откако со 4:1 ја победи Грузија. Почетокот на мечот не навестуваше дека Шпанија ќе има мирна завршница на мечот, затоа што Грузија прва даде гол.
Тоа всушност беше автогол на Ле Норманд во 18 минута. Грузија водеше до пред крајот на првиот дел, кога Родри со прецизен удар од врвот на шеснаесетникот израмни на 1:1.
Шпанците продолжија со фуриозни напади и во второто полувреме, а тоа резултираше со уште два погодоци во мрежата на грузискиот голман.
Во 51 минута најпрво Јамал се обиде од слободен удар да погоди, но неговиот удар беше одбранет, за веднаш потоа младиот шпански репрезентативец да асистира за погодок на Фабијан Руиз и водство на Шпанија од 2:1.
Сите дилеми околу победникот беа решени кога во 75 минута Нико Вилијамс одлично продре во шеснаесетникот и даде убав гол за 3:1.
Дани Олмо кој во игра влезе во второто полувреме, се запиша во листата на стрелци со погодокот во 83 минута кога погоди за 4:1.