Турција и Австрија одиграа фантастично осминафинале на Европското првенство, но Турците се оние кои одат во следната фаза. Отворен и офанзивен фудбал на двете страни, но трите гола на натпреварот паднаа по корнери, два во мрежата на Австрија и само еден во мрежата на Турција. Мирхан Демирал е херојот на Турција, кој двапати погоди по корнерите на Арда Ѓулер во победата од 2-1 над Австрија.
Репрезентацијата на Турција во водство дојде уште во првата минута, односно во 58-мата секунда. Арда Ѓулер изведе корнер, одбраната на Австрија реагираше лошо, а во вистинското време и на вистинското место се најде Мерих Демирал, кој донесе водство за својата репрезентација.
Слично сценарио и за водство на Турција од 2-0. Арда Ѓулер изведе корнер во 59-тата минута, одбраната на Австрија повторно заспа, а Демирал откако скокна највисоко, со глава го најде патот до мрежата на австрискиот гол.
Голот за надеж на Австрија беше дело на Грегорич во 66-тата минута, откако Пош изведе корнер, а одбраната на Турција не се снајде баш најдобро и не успеа да ја избие топката.
Турција во четвртфиналето за противник ќе ја има репрезентацијата на Холандија, која денес со убедливи 3-0 ја совлада Романија. Најголемиот успех на Турција на европските првенства се случи во 2008 година, кога играа во полуфиналето.