Големо разочарување владее во репрезентацијата на Австрија по неочекуваната елиминација од Турција во осминафиналето на Европското првенство. Селекторот на Австријците, Ралф Рангник, вели дека било тешко да се игра против ваков голман, но и дека ако успееле да израмнат, ќе победеле во продолженијата.
„На крајот ни недостасуваше малку среќа и верувам дека ќе победевме во продолженијата. Имавме време да погодиме за израмнување, но тешко е кога го имате Гордон Бенкс на голот. Не направивме доволно шанси и не ги браневме добро прекините“, вели Рагник.
Гордон Бенкс е легендарен англиски голман, роден во 1937 година, а почина на 81-годишна возраст во 2019. Во својата кариера бранел за Лестер и Стоук, а за Англија настапил на 73 натпревари. На клупски план има повеќе од 700 настапи.
„Четирите натпревари кои ги одигравме беа многу забавни, вклучително и овој против Турција. Не беше сè по планот, но беше интензивно. Сега ова мора да го пренесеме и во Лигата на нациите и во квалификациите за Светското првенство. Тешко ми е да поверувам дека си одиме дома, мислев дека ќе го продолжиме нашето патување“, додаде селекторот на Австрија.