Шпанците ќе се борат со проклетство, никогаш не победиле домаќин на СП или ЕП!

Фудбалската репрезентација на Шпанија низ својата историја деветпати играла на Светско или Европско првенство против домаќинот на тие настани и никогаш не победила.

Оваа многу непријатна традиција не им оди во прилог пред вечерашниот дуел од 18 часот во Штутгарт против домашната Германија на ЕВРО 2024. Но, од друга страна, традицијата постои за да биде урната и ова може да биде мотив плус за Црвената фурија конечно да победи еден домаќин на големо натпреварување.

Малерот и црната серија почнаа многу одамна, уште во 1934 година на СП во Италија. На тој Мундијал, Италија „мораше“ да стане светски првак, инаку фашистичкиот лидер Бенито Мусолини, кој беше многу моќен во тоа време, ќе наредеше да „летаат глави“.

Шпанците губеа и од Бразил на СП во 1950, а 30 години подоцна во Милано се сретнаа со Италија на ЕП и одиграа нерешено 0-0. Во 1984 година, Шпанија играше финале на ЕП во Франција, но Платини и другарите славеа на тој меч во Париз. На ЕП 1988 Шпанците беа поразени од домашната Германија во групната фаза.

Во 1996 на ЕП во Англија, Шпанија испадна во четвртфиналето на пенали од домашната селекција, а еден од најболните порази од домаќин им беше оној на пенали на СП 2002 против Јужна Кореја, меч на којшто на Шпанците им беа поништени два гола. Шпанија загуби и од Португалија на ЕП 2004, а последен пат против домаќин играа на СП во 2018 против Русија. Русите победија на пенали, а во 120-те минути игра Шпанија има рекордни 1.114 додавања. Карвахал играше на тој меч, а бекот на Реал ќе биде и вечерва во составот на Црвената фурија.

Шпанија има победувано против домаќини во Куп на конфедерации, плејоф во Лигата на нациите и на Олимписки игри, но Светско или Европско првенство е нешто друго и посебно, тие победи се паметат повеќе.

 

- Оглас -

Најнови вести