Суперкомпјутерот пресмета која селекција има најмногу шанси да биде европски првак

Само четири од почетните 24 репрезентации останаа во трка за трофејот наменет за европскиот првак. Фудбалските велесили Шпанија, Англија, Франција и Холандија се пласираа во полуфиналето, а на крајот само една ќе се радува.

На 9 јули во Минхен во првото полуфинале ќе играат Шпанија и Франција, а 24 часа подоцна, на стадионот во Дортмунд ќе играат Англија и Холандија. Секоја селекција има свои шанси за да стигне до златото, а суперкомпјутерот направи пресметки какви се тие шанси изразени во проценти.

Како прв фаворит се издвојува Шпанија на која и се даваат 32,17 отсто шанси дека може да биде европски првак. Франција е со 27,31 отсто шанси да биде на континенталниот трон. Токму овие две селекции меѓу себе ќе играат во полуфиналето.

Англија која пред три години играше во финалето на ЕП сега е со шанси од 26,59 отсто да стане европски првак, а најмалку шанси се даваат на Холандија. За лалињата остануваат само 13,93 отсто шанси да стигне до златото и да го повтори успехот од 1988 година кога Холандија за прв и единствен пат беше европски шампион.

Шпанија е најтрофејна селекција во историјата на ЕП со три златни трофеи. Франција била два пати првак, Холандија само еднаш, а Англија никогаш го нема освоено европското првенство.

- Оглас -

Најнови вести