Седумкратниот светски првак во Ф1, Луис Хамилтон потсети на своите најдобри денови и победи на патеката на Силверстоун за големата награда на Велика Британија. Со овој триумф Хамилтон донесе голема радост на домашните фанови, во една од најдобрите трки кои се возеа сезонава.
За Хамилтон ова е 104 победа во кариерата, а прва по пауза од речиси три години. Тој не беше застанат на победничкиот пиедестал од трката за ГН на Саудиска Арабија во 2021 година. Британецот испиша историја затоа што е прв возач кој стигна до девт победи на една иста трка, а тоа е на неговата домашна патека на Силверстоун.
Многу промени на лидерската позиција имаше во текот на целата трка. Хамилтон за прв пат дојде да биде лидер во 18 круг кога го помина Расел. Тогаш почна и хаосот со дождот. Пјастри ги помина и Расел и Хамилтон, а во тој момент Мекларен беше побрз од Мецедес.
Во 21 круг Норис беше лидер пред Пјастри, па Хамилтон, Расел и Ферстапен. Во 34 круг Џорџ Расел кој стартуваше како прв на трката, поради проблеми со болидот ја заврши трката.
Ландо Норис беше лидер, а клучниот момент на трката беше кога Хамилтон во 39 круг влезе во боксот и ги смени гумите. Лидерот Норис влезе во боксот во следниот круг и тоа го искористи Хамилтон кој излезе како прв на патеката и до крајот на трката го задржа лидерското место и тоа за само една секунда пред Макс Ферстапен и третопласираниот Норис.