Таткото на херојот на Шпанија реагираше: Микел ми ја одзеде и последната работа која ми остана

Фудбалската репрезентација на Шпанија се пласира во полуфиналето на Европското првенство, а еден од хероите за овој успех е Микел Мерино. На дуелот во Штутгарт против домаќинот Германија, Мерино даде гол во 119-тата минута за победа на Шпанија од 2:1.

Играчот за врска на Реал Сосиедад со глава го матира Мануел Нојер, а потоа прослави на необичен начин. Дојде до корнер знаменцето и направи круг околу него. Оваа негова прослава имаше посебно значење.

На истиот стадион пред 33 години неговиот татко Анхел Мерино даде гол во дресот на Осасуна за победа над Штутгарт од 3:2, а постариот Мерино тогаш прослави со правење круг околу корнер знаменцето. Сега тоа го повтори Микел.

Мерино сениор имаше свој коментар по голот на неговиот син, на кој се радуваше цела Шпанија.

„Зборувавме за тоа пред мечот. Тогаш му реков: ‘Замисли да влезееш во игра и да дадеш гол.’ Микел е решен мене да ме направи лош фудбалер. Во сите работи ме помина.Направи многу повеќе од тоа што јас го направив. До пред некој ден јас се фалев дека имам дадено гол во Штутгарт, а тој не. Тоа ми беше единствената работа што ми остана, а сега и тоа ми го зема“, на шега коментираше Анхел, а потоа додаде:

„Тоа е посебен момент, полн со емоции. Неговиот гол е многу поважен од тој што јас го дадов. Дури и мене ми е поомилен неговиот гол, отколку мојот. Се видовме по мечот и се смеевме, а тој искоментира: „Уште еден гол во Штутгарт“. Многу сум горд на него и тоа што е дел од шпанската репрезентација во една толку силна конкуренција“, задоволно вели таткото Анхел Мерино.

Шпанија во полуфиналето на ЕП ќе игра против Франција, а Микел Мерино сигурно својата шанса ќе ја чека од клупата за резерви.

- Оглас -

Најнови вести