Најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар, и фирмата „Новоматик Македонија“ го потпишаа договорот за соработка кој ќе биде во траење од една година. Со потпишаниот договор, „Новоматик“ се обврза во следните 12 месеци да вложи еден милион евра во Вардар.
„Со финансиска програма од еден милиони евра годишно да го поткрепи Вардар во обидот да се врати на старите успешни патеки. Нашата амбиција не е да ја преземеме управата на клубот, но ќе имаме наш преставник во управата. Вардар е симбол на најголемите македонски спортски успеси “, вели Марија Митреска, претставник на „Новоматик“.
Задоволен од потпишаниот договор е и претседателот на Вардар, Милорад Миленковски, кој го потпиша договорот заедно со Александар Симовиќ, кој е генерален директор на „Новоматик“.
„Ова за нас е посебен момент. Свечен чин кој предизвикува многу емоција. Долго време го чекавме овој момент. Целиот наш труд за целиот период наиде на разбирање и многу сум горд затоа што Вардар доби нова светла иднина. Ова е договор за главно спонзорство со ‘Новоматик Македонија’. Токму таков поттик ни требаше и овој позитивен пример треба да го следат и останатите компании. Во вистинско време го потпишуваме овој договор затоа што утре тргнуваме на подготовки. Верувам дека заедно ќе се радуваме. Во играта на среќа во која се вклучивме ние пред 4 години кога го презедовме клубот, на моменти отстапувавме, на моменти го зголемувавме влогот, на крајот отидовме ‘алл ин’ и на крајот победивме. Ова е заедничка победа на сите кои веруваа во проектот Вардар. Вардар е национален македонски бренд. Вистински спортски амбасадор“, рече Миленковски.
Вардар од утре треба да оди на подготовки во Словенија.