Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски денеска беше претставен пред медиумите како нов член на шпанскиот прволигаш Валенсија.
Валенсија го искористи доаѓањето на Рафа Мир за да направи заедничка презентација на Мир со Димитриевски. Столе, кој пред еден месец пристигна кај Лилјаците како слободен агент од Рајо Ваљекано, не се плаши од предизвикот да се бори со одличниот Грузиец Мамардашвили за стартното место.
„Среќен сум и благодарен што ја добив можноста да бидам во Валенсија. Сакам да се докажувам и да се натпреварувам. Потпишав знаејќи дека Мамардашвили е тука. Тој е одличен голман, тоа го покажа и на Европското првенство. Дојдов да се натпреварувам и да му помогнам на тимот“, изјави Димитриевски, кој ќе биде прв голман на Лилјаците ако Мамардашвили биде продаден.
Што се однесува до својот омилен играч од историјата на Валенсија, Столе го истакна некогашниот голман Сантијаго Кањизарес.
„Кога бев мал, многу ми се допаѓаше Кањизарес. Жолтиот дрес и белата коса беа препознатливи за него. Тој имаше одлични настапи во Валенсија“, рече Димитриевски.