Европското првенство дојде до самиот крај. Останува само уште еден меч – финалето меѓу Шпанија и Англија кое ќе се игра в недела на „Олимпискиот стадион“ во Берлин. Како по обичај, мечот за трето место на Европско првенство веќе одамна не постои, па Франција и Холандија, кои беа поразени во полуфиналињата, нема да имаат можност да се борат за бронзен медал.
Од УЕФА и официјално дадоа кратко објаснување зошто нема да се игра дуелот за трето место.
„Натпреварите за трето место се сметаат како неатрактивни и поради тоа веќе не се играат на европските првенства. Нема планови за повторно враќање на овие дуели на ЕП“, стои во реакцијата на Европската фудбалска федерација.
Последен пат мечот за трето место се играше во далечната 1980 година, кога на турнирот во Италија се сретнаа Чехословачка и домаќинот Италија. По подоброто изведување на пеналите, Чехословачка стигна до третото место. На тоа ЕП шампион беше Германија.
За разлика од ЕП, меч за трето место освен на Мундијалите, има и на Копа Америка, па во недела во борба за третото место на натпреварувањето на американските селекции ќе играат Уругвај и Канада.