Младиот, но трофеен тренер, Васко Атанасов, и следната сезона ќе биде предводин на МЗТ Скопје. Раководството на актуелниот шампион на Македонија, одлучи да го продолжи договорот со 30-годишниот тренер, кој веќе има два трофеи од првенството на Македонија, како и еден Куп на Македонија, освоен во месец февруари во Битола.
За Атанасов ова ќе биде втора сезона во која од почеток ќе биде тренер на МЗТ Скопје, но вкупно трета, бидејќи во 2023-тата доби шанса да седне на клупата на „штрковите“ во финишот на првенството.
МЗТ Скопје за следната сезона веќе има осум кошаркари под договор, и тоа: браќата Дамјан и Војдан Стојановски, потоа Бојан Крстевски, Мартин Петков, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, како и интернационалеците, американецот Брандон Слај и хрватот Марко Баковиќ.