Шпанија ќе биде европскиот фудбалски владетел во следните четири години откако синоќа во финалето на „Олимпискиот стадион“ во Берлин со 2:1 ја победи Англија. Ова беше историски триумф на Црвената фурија затоа што тоа е првата селекција која успеа по четврти пат да застане на континенталниот трон.
Доминантен беше настапот на Шпанија затоа што победи во сите седум натпревари кои ги одигра и тоа никогаш претходно не му успеало на друг национален тим на ЕП. Доминацијата на Шпанија, но и на шпанските екипи трае многу повеќе од овие триесетина дена во Германија.
Дури 23 години трае доминацијата на шпанскиот фудбал. Во 2001 година, Алавес играше во финалето во УЕФА купот и на драматичен начин со 5:4 загуби од Ливерпул. Истата година Валенсија загуби од Баерн Минхен во финалето на Лигата на шампионите и тоа беа последните шпански разочарвања во финалињата.
Оттогаш, па сè до финалето на ЕП, шпанските тимови и репрезентацијата играле во 27 различни големи финалиња и на крајот СЕКОГАШ трофејот завршувал во витрините на Шпанците! Без разлика дали тоа било финале во Лигата на шампионите, Лигата на Европа, Светското првенство, Европско првенство, Светско клупско првенство…, шпанските екипи и репрезентацијата имаат 27 победи по ред во финалињата!
Тоа е вистинска доминација во светот на фудбалот.