Младинската ракометна репрезентација на Македонија според квалитетот и прикажаното заслужи да се најде помеѓу најдобрите осум во Европа, но откако среќата им го заврте грбот, ќе мора да се задоволат со обезбеден пласман на следното Светско првенство и разигрување за пласман од деветтото до 16-тото место на Европското првенство во Словенија.
Сепак, нашите младинци продолжуваат со одличните игри, па денес во разигрувањето ја совладаа Полска со 28-26. Резултатот можеше да биде и многу поубедлив, но селекторот Раде Стојановиќ одлучи шанса за настап да им даде на сите ракометари, кои тоа успешно го искористија и ја забележаа втората победа на четвртиот натпревар откако дуелите против Хрватска и Австрија завршија нерешено.
Димитар Узунчев, Дамјан Митев и Мирче Калајџиески го завршија мечот со по четири погодоци. Следен предизвик за нашите младинци ќе биде дуелот против Романија, која на програмата е утре со почеток во 12 часот.