Фудбалските репрезентации на Аргентина и на Шпанија слават. Ги слават континенталните титули кои ги освоија на Копа Америка, односно Европското првенство. Аргентина во финалето на Копа Америка со 1:0 по 120 минути игра ја победи Колумбија, додека Шпанија во 90 минути со 2:1 беше подобра од Англија.
Со освојување на овие пехари, Аргентина и Шпанија едноставно си закажаа меѓусебен дуел. Се работи за натпреварот наречен Финалисимо, на којшто учествуваат континенталните прваци на Јужна Америка и Европа. Датумот за овој меч уште не е дефиниран, но се најавува дека треба да биде во јуни следната година.
Последен пат Финалисимо имаше во јуни 2022 година, кога Аргентина убедливо со 3:0 ја победи Италија на дуел одигран на „Вембли“ во Лондон. Според праксата, следното Финалисимо ќе треба да се игра некаде во Јужна Америка.
Вкупно три вакви дуели се одиграни низ историјата. Првиот дуел меѓу европскиот и јужноамериканскиот првак бил во 1985 година, кога Франција со 2:0 го победила Уругвај во Париз. Потоа во 1993 година Аргентина по подобро изведување на пеналите ја победи Данска, откако дуелот во регуларниот дел заврши 1:1. Третиот пат беше пред две години, а Аргентина, која тогаш победи, сега има шанса да биде првата репрезентација со два вакви пехари.