Младинската ракометна репрезентација на Македонија повторно покажа дека местото не ѝ е во разигрувањето за пласман од деветтото до 16-тото место на Европското првенство во Словенија. Само среќата ги спречи избраниците на Раде Стојановиќ да се пласираат во топ-8 репрезентациите во Европа, но својот квалитет го покажуваат и во оваа утешна фаза.
Најнова жртва на македонските младинци беше селекцијата на Романија, која беше победена со убедливи 31-26, пред сè поради одличната игра во второто полувреме откако првиот дел заврши нерешено, 15-15. Победата можеше да биде и многу поубедлива, но шанса за настап добија сите ракометари кои достојно ја искористија.
Македонија со оваа победа и официјално го обезбеди пласманот во полуфиналето од разигрувањето за пласман од деветтото до 12-тото место на Европското првенство и сега го чека противникот од другата група, во која се Словенија, Србија, Хрватска и Унгарија.
Сепак, пред да дојде на ред разигрувањето за пласман, пред нашите младинци е најголемиот предизвик – дуел против репрезентацијата на Франција, меч кој ќе се одигра во четврток напладне.
Најефикасен на мечот против Романија беше Димитар Узунчев со шест погодоци, додека Валентин Карасманакис постигна еден помалку.