Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, ги посети членовите на олимписката репрезентација, која се подготвува за настап на Игрите во Париз. Искусниот 63-годишен стратег пред неколку дена го предводеше националниот тим до златниот трофеј на Европското првенство во Германија, а сега во говорот кој го одржа, најви дека очекува Цевената фурија и на ЛОИ во Париз да се врати со златото.
„Ќе имате едно фантастично искуство. Секогаш е убаво кога некој доаѓа со позитивна енергија, тоа е заразно. Ќе станете олимписки шампиони. Дефинитивно ќе го освоите златниот медал“, им порача Де ла Фуенте на шпанските репрезентативци.
Фудбалскиот турнир на ЛОИ започнува на 24 јули, а ќе заврши на 10 август. Шпанија е во група со Узбекистан, Египет и Доминиканска Република.
Дека говорите на Де ла Фуенте не се само празни зборови, се покажа и на ЕП во Германија. Селекторот на Црвената фурија уште додека траеше групната фаза, беше убеден дека неговите избраници ќе стигнат до златото и јавно кажа дека го има најсилниот состав.
Многумина сметаа дека таа изјава на Де ла Фуенте е препотентна и преоптимистичка, но селекторот едноставно веруваше во своите момци и знаеше дека имаат квалитет да бидат европски прваци.
Во финалето на ЕП, Шпанија со 2:1 ја победи Англија и Црвената фурија стигна до рекордната четврта континетална титула.