Толку од ЛШ за Струга Трим Лум: Слован Братислава потврди дека е друга класа (Видео)

Македонскиот првак Струга Трим Лум го загуби реваншот од Слован Братислава во Охрид со 1-2 и со вкупен резултат 3-6 доживеа елиминација од квалификациите во Лигата на шампионите. Патот во Европа ја носи сега Струга во квалификациите од Конференциската лига, каде ќе се сретне со ерменскиот тим Пјуник.

Тимот на Ќатип Османи, сепак, не можеше да стори ништо поконкретно против силниот шампион на Словачка. Иако во еден период на првиот меч во Братислава имаше позитивен резултат (2-2), Слован покажа дека е поквалитетен противник. Го потврди тоа и на денешниот реванш на стадионот „Билјанини извори“.

Владимир Вајс јуниор во деветтата минута донесе предност за Слован Братислава. Тој беше проигран од Стрелец, успеа да мине неколку играчи во одбраната на Струга ТЛ, си го отвори аголот за удар и со прецизен удар го совлада Дујмовиќ.

Во 34.минута, Кире Ристевски по дуелот со Давид Стрелец во сопствениот шеснаесетник, во обид да расчисти, си постигна автогол. Слован Братислава поведе со 0-2 и стана јасно дека Струга ТЛ нема што да бара во овој двомеч.

Бесарт Ибраими и на овој натпревар беше најопасен фудбалер на Струга Трим Лум. Неколку негови удари завршија крај голот на противникот, се обиде и од слободен удар, но директно во противничкиот голман Мартин Трновски.

Во завршницата, резервистите Масааки Такахара и Басиру Компаоре реализираа убава акција, првиот центрираше од левата страна, а вториот со удар со глава успеа да постигне погодок за Струга ТЛ во 85.минута.

- Оглас -

Најнови вести