Кошаркарската репрезентација на САД ја победи Србија со убедливи 105-79 во подготвителен меч пред Олимпијадата во Париз. Овие две селекции ќе играат во иста група на ЛОИ, па можеби Србите ја криеја и тактиката, а претпазлив е и селекторот на САД.
„Стануваме сè подобри и мислам дека сме на добар пат. Секогаш може подобро и знаеме дека на Србија ѝ недостасуваа неколку стартери, во два дена играа два натпревари. Ми се допаѓа начинот на којшто моите играчи излегоа на терен и се бореа во одбраната. Направивме добра работа“, вели селекторот на САД, Стив Кер.
Новинарот на српскиот „Телеграф“ побара од Кер да направи споредба на Никола Јокиќ кога игра за Денвер и Србија.
„Никола е најдобриот играч на светот. Добар е во сè, но вечерва не беше негов ден. Имаа натпревари ден за ден, сè уште се подготвуваат за ЛОИ“, одговори Кер.