Капитенот на фудбалската репрезентација на Србија, Душан Тадиќ, денеска официјално објави дека ја завршува својата репрезентативна кариера.
Тадиќ ја соопшти својата одлука за повлекување од репрезентацијата на својот официјален инстаграм-профил, а по тој повод се огласи и селекторот на Србија, Драган Стојковиќ.
„Душан Тадиќ е големо име на српскиот фудбал и момче кое остави длабока трага во дресот на нашиот државен тим. Ја следев неговата кариера од моментот кога во Војводина најави огромни дострели и подоцна кога во Холандија, Англија и во Турција покажа дека прераснал во еден од најдобрите играчи од средниот ред во Европа. Од моментот кога ја презедов функцијата селектор, во него видов лидер и ми беше многу мило што токму Тадиќ ја носи капитенската лента и бројот 10 на грбот.
Ја почитувам неговата одлука и му посакувам многу среќа во понатамошната кариера, како во играчката, така и во онаа на која ќе се посвети по активното играње. Моја голема желба е да му се организира проштален натпревар и ќе им предложам на претседателот Драган Џајиќ и на луѓето од Фудбалскиот сојуз на Србија да се искористи првата слободна можност и да се одбележи на достоен начин од пензионирањето на поранешниот капитен. Тадиќ го заслужи тоа апсолутно“, истакна Драган Стојковиќ.
Душан Тадиќ е рекордер по бројот на настапи во дресот на Србија со 111 одиграни натпревари.