Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија со победата над Унгарија од 27-26, си обезбеди меч за деветто место на Европското првенство за играчи до 20 години кое се одржува во Словенија.
Попладнево во Целје, македонската селекција губеше со два гола разлика по првото полувреме, имаше и минус три на стартот на вториот дел, но потоа со серија од 5-1 го свртеа мечот во своја полза.
Македонија имаше плус три на една и пол минута до крајот, но кога се чинеше дека е готово, во финишот имаше драма. Унгарците во завршните моменти имаа чиста ситуација за да изедначат, но задоцнија за малку, сирената отсвири крај на мечот, и тоа беше знак за радост на тимот на Раде Стојановиќ и Бранислав Ангеловски.
Узунчев со 8 голови беше најефикасен кај Македонија, Карасманакис даде 5, а Калајџиески 4 голови. Голманите Брестовац и Галевски имаа по шест интервенции.
Во мечот за деветто место, ќе играме со Франција или Хрватска.