Македонскиот прволигаш Шкендија доживеа непријатна елиминација уште во првото квалификациско коло од Конференциската лига. Тоа го запали алармот во тетовскиот клуб, кој, сепак, инвестира значајни финансиски средства, а резултатите не се на посакуваното ниво.
Интересна информација доаѓа од Швајцарија, пласирана во влијателниот „Блик“. Имено, легендарниот швајцарски репрезентативец Адмир Мехмеди, кој е роден во Гостивар, добива мисија од раководството на Шкендија да биде нов спортски директор.
Тој треба комплетно да го трансформира тимот, но и поставеноста на целиот клуб според европски терк, со оглед на неговото големо искуство. Тој во кариерата беше дел од Баер Леверкузен, Фрајбург и Волфсбург во Бундеслигата, а играше и за Динамо Киев и за Цирих.
Откако ја заврши активната фудбалска кариера минатата година, Адмир Мехмеди работеше како спортски директор на швајцарскиот клуб Шахфаузен. Многу брзо, најверојатно ќе се пресели во Тетово и ќе стартува со работа во Шкендија.