Јувентус без Роналдо во Неапол, ќе го чуваат за Атлетико

Повредениот Кристијано Роналдо нема да биде во составот на Јувентус на гостувањето кај Наполи в недела. Првиот стрелец на Јуве доби удар во глуждот на мечот со Болоња и лекарскиот тим на „старата дама“ нема да го форсира да игра против Наполи, туку ќе го чуваат за многу позначајната пресметка со Атлетико Мадрид на 12-ти март.

Ова значи дека за првпат сезонава Португалецот нема да биде во составот на еден меч од италијанската лига. Во досегашните 25 кола, Роналдо даде 19 гола.

Јувентус има речиси недостижна предност од 13 бода во однос на Наполи во Серија А, па нема потреба Роналдо да ризикува со играње бидејќи ќе биде многу попотребен во реваншот од осминафиналето од ЛШ, каде што Јуве ќе брка негатива од два гола разлика против мадридските „јорганџии“.

Шест дена по средбата со Атлетико, Роналдо ќе се појави во Мадрид, каде што ќе присуствува на отворањето на клиниката за пресадување коса. Кристијано е косопственик на клиниката, има 50 проценти од акциите. Тој се реши за влез во ваков бизнис откако мајка му имаше успешно пресадување на веѓи.

- Оглас -

Најнови вести