Американците немаа милост против Србија и победија со 26 разлика

Кошаркарската репрезентација на Соединетите Американски Држави покажа зошто е главен кандидат за освојување на златниот медал на Игрите во Париз. Во првото коло, против Србија, Американците беа убедливи и победија со 110:84.

Србите добро го отворија мечот и поведоа со 10:2, но потоа следуваше серија од 12:2 на САД за водство од 14:12. Парираше Србија до пред крајот на првата четвртина кога водеше со 20:17, но со нова низа, овојпат од 8:0, САД стигна до предност од 25:20 по првите 10 минути. Од тој момент, па до крајот, Србите во ниту еден момент не успеаа да го загрозат водството на противникот.

Американците првата двоцифрена предност ја имаа на 35:25, а на полувреме водеа со девет разлика (58:49). До средината на третата четвртина Србите некако даваа отпор, кога беа на минус осум поени (65:57), за да само две-три минути подоцна предноста стигне до 15 поени (76:61) и тогаш беше јасно дека победата ќе биде убедлива.

Кевин Дурант имаше шутерско шоу и постигна 23 поени, а одличен беше и Леброн Џејмс со 21 поени, девет асистенции и седум скока. Никола Јокиќ со 20 поени, осум асистенции и пет скока беше предводник кај Србија.

- Оглас -

Најнови вести