Според рангирањето на Светската кошаркарска федерација, ФИБА, репрезентацијата на Хрватска е деветта сила на светот, но „коцкестите“ се толку високо пласирани на стара слава, а не според моментната форма, бидејќи тие губеа од Унгарија, Холандија и Полска, па останаа без пласман на Светското првенство, што значи неиграње ниту на следните Олимписки игри.
Иако имаат шест НБА-играчи, на Хрватите тоа ништо не им значи. Останаа без место на Мундобаскетот. Двапати губеа од Полска, која е 25-та на ранг-листата, Холандија е 41-ва.
Тоа важи и за Словенците, кои благодарение на европската титула од 2017 година, имаат многу поени кои ги сместуваат на седмото место на листата на ФИБА. И Словенија без своите НБА-ѕвезди не успеа да обезбеди место на СП.
Начинот на креирање на листата на ФИБА е таква каква што е, многу репрезентации се погоре отколку што заслужуваат, други се подолу.
Македонија се наоѓа на 42-рата позиција на светот (пад за две места во однос на претходното рангирање), а 24-та во Европа. Нашиот национален тим штотуку успеа да влезе меѓу 32-те селекции кои ќе играат квалификации за ЕП 2021, па ова 24-то место во Европа е супер пласман.
При рангирањето, предвид се зема осумгодишен период. Може да се случи догодина нашата селекција да избори место на ЕП на кое играат 24-те најдобри на Стариот Континент, а драстично да паднеме на ФИБА-листата бидејќи ќе ни се избришат поените од сензационалното четврто место од Евробаскетот 2011.